Тодоровиќ: Ова е само еден чекор во процесот на раст на Маџари

Миодраг Тодоровиќ не го криеше задоволството откако со тимот на Маџари лесно и убедливо го совлада Куманово со 94-78, oдмаздувајќи му се на овој ривал за несреќниот пораз во првиот круг од натпреварувањето во кое Маџари имаше „плус 16“, но не успеа да стигне до триумф.

Тодоровиќ постави беспрекорна тактика, неговите избраници ја спроведоа во дело и успехот беше неизбежен, а младиот 28-годишен стручњак има причина да биде задоволен по добиената битка со Марин Докузовски.

„Честитки до момците за пристапот и дисциплината. Од самиот почеток наметнавме силно темпо и покажавме дека знаеме како да ја контролираме играта кога сме фокусирани. Одбраната беше на високо ниво, а во напад игравме трпеливо и паметно, што ни донесе сигурна предност.

Особено ми се допадна начинот на кој реагиравме во моментите кога противникот се обидуваше да се врати во игра. Останавме мирни, донесувавме добри одлуки и не дозволивме пад во концентрацијата – токму тоа ни недостасуваше на некои претходни натпревари.

Секој играч што влезе во игра даде свој придонес и тоа е најголемата вредност на овој тим. Кога играме вака, со енергија и меѓусебна доверба, резултатот е последица. Продолжуваме да работиме скромно и посветено – ова е само еден чекор во процесот на раст на тимот“, изјави Тодоровиќ.

Се вчитува...