Продолжението од македонската кошаркарска Суперлига донесе супер интересен натпревар во „Феникс Арена“ каде по голема битка МЗТ Скопје славеше на гостувањето кај Маџари.
Тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ не го криеше разочарувањето по поразот во натпревар во кој неговиот тим подолго време имаше резултатска контрола.
„Натпреварот го отворивме одлично, ја добивме првата четвртина и го наметнавме нашето темпо на домашен терен. Имавме контрола во добар дел од средината на мечот, но во завршницата не бевме доволно смирени и прецизни. Неколку брзоплети одлуки во напад и пропусти во одбрана му дозволија на противникот да го сврти резултатот.
Ова ни се повторува во одредени моменти и тоа е јасен сигнал дека мора да ја подигнеме концентрацијата и дисциплината кога се крши резултатот. Натпреварите се добиваат на детали, а ние мора да научиме подобро да ги контролираме тие клучни минути. Сепак, ни значи многу што повторно играме во нашата матична сала „Наум Наумовски-Борче“ во Маџари. Тука ја чувствуваме енергијата и поддршката што ни дава дополнителна мотивација.
Верувам во овој тим и сигурен сум дека од ова ќе извлечеме поука и ќе излеземе уште посилни во следните предизвици“, изјави Тодоровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

