Тофаш дојде до билет за ЛШ на турнирот во Скопје

Тофаш го освои квалификацискиот турнир на ФИБА Лигата на Шампиони кој се одржа во СЦ Борис Трајковски и се пласираше во групната фаза на првенството откако во финалето славеше против Кемниц со 82-78. Финалето од турнирот во Скопје беше суперинтересно, двата тима имаа двоцифрени водства, но противниците се враќаа, за тускиот состав да биде поумешен во финишот и да стигне до билетот за елитното натпреварување под капата на ФИБА.

Отворањето на натпреварот беше во знакот на Тофаш кој успеа да го наметне своето темпо во нападот, а притоа го имаше одличниот Туре во битката под обрачите па благодарение на центарот успеа да поведе со 30-22 по 10. минути игра. Кемниц одговори со агресивна одбрана во продолжението од првото полувреме па германскиот состав експресно ја намали негативата, меѓутоа не успеа да стигне до водство. Турците навремено ги консолидираа своите редови, одговорија подобро во одбраната па ја задржаа предноста до полувремето 50-44.

Одбрната на Кемниц повторно беше пресудна за враќање на резултатската неизвесност од страна на германскиот состав, а со тројката на Величка овој пат беше превземено водството (53-56). Кемниц го неутрализираше Туре во рекетот, а продолжи во добар ритам и на спротивната страна за двоцифрена предност (53-63), која сепак не беше задржана и по 30. минути игра за 58-65. Со серија од 6-0 Тофаш се врати во игра уште во воведните минути од последната четвртина, а со трите поени на Греј ја превзема предноста (71-69) на пет минути до крајот. Кемниц одговори преку расположениот Муни. Резултатската неизвесност траеше до самиот крај, Туре на 24. секунди погоди две слободни фрлања за 80-78, а Кемниц и покрај тоа што имаше три обиди за дополнителни пет минути или победа, не успеа да реализира, па турскиот клуб се радуваше на триумфотво ова финале.

Се вчитува...