Анте Токиќ е ракометарот кој ќе го замени Никола Костески на позицијата десно крило во екипата на Металург. Костески кариерата ќе ја продолжи во турскиот Ескишехир, а „металурзите“ на негово место го доведоа 23-годишниот Токиќ, поранешен кадетски и младински репрезентативец на Хрватска кој доаѓа од редовите на Вараждин.
„Металург е големо име во европскиот клупски ракомет и долги години е дел од Лигата на шампионите. Тоа е тим што никогаш не се предава, па така Металург во минатата сезона беше еден од ретките што успеале да го поразат Вардар, а тоа многу кажува за карактерот на мојот нов клуб. Во Металург дојдов за да направам чекор напред во мојата спортска кариера, а особено задоволство ми претставува можноста да заиграм во две исклучително силни лиги, какви што се Лигата на шампионите и СЕХА-лигата. Но, една од најважните причини за моето доаѓање во Скопје е Лино Червар, од кого во следните две сезони очекувам да научам многу за спортот со кој се бавам“, изјави Токиќ за официјалната веб-страница на Металург.
Покрај Анте Токиќ, на позиција десно крило Металург го има и Александар Гуглета, но и младинскиот репрезентативец на Македонија Мице Шилегов, кој дојде од редовите на Металург 2 и кој допрва ќе стекнува искуство во елитниот ракомет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА