Жозе де Толедо пристигна од редовите на Висла и требаше да биде прва опција на позицијата лев бек во Вардар, но тешката повреда на коленото придонесе тој да не одигра ниту еден меч за „црвено-црните“ во досегашниот дел од сезоната. Сепак, лекарите дадоа зелено светло, тој му е на располагање на тренерот Алушовски и сигурно ќе биде значаен адут во наредниот период.
„Подготвен сум. Имав некои дополнителни испитувања за коленото, но спремен сум да почнам сериозни тренинзи со тимот. Имав компликувана операција, не толку едноставна како што мислат луѓето. Не сум среќен со ситуацијата во која се најдов, но тоа е нормален процес што треба да го поминете постоперативно. Нетрпението те излудува, не можам да дочекам да почнам да играм. Ми недостигаше ракометот, ми недостигаше да бидам со екипата. Најмногу ми недостигаше тоа што од почетокот на сезоната уште не сум играл со дресот на Вардар. Време е да го облечам дресот, да застанам пред навивачите на Вардар и да излезам на теренот во оваа прекрасна сала со неверојатна атмосфера за поддршка“, истакна Жозе де Толедо во разговор за клупската веб-страница.
Резултатите во првиот дел од сезоната не беа на нивото на актуелниот европски првак, но бразилскиот бек оптимист дека „црвено-црните“ ќе одговорат на предизвиците во следните месеци.
„Ќе бидат тешки месеци пред нас. Предизвиците се тешки, независно дали е СЕХА лига, ЕХФ ЛШ или домашното првенство. Секој натпревар треба да го играме како клучен и нема да биде лесно. Но во тоа е и убавината, да имаш тешки предизвици и да можеш секој пат да дадеш 100 проценти“, оптимист е Толедо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА