Шокантна информација, како што дознава ЕКИПА, добиле најдобрите ракометарки на ЖРК Вардар од раководството на клубот. „Вардарки“ се информирани од челниците веќе слободно да почнат да си бараат нови клупски средини за следната сезона.
Според нашите информации, овој состав на ЖРК Вардар ќе ја одработи актуелната сезона со желба и за стигнување до европската титула, а од следната тимот ќе се темели исклучиво на млади македонски ракометарки. Сето тоа само ги потврдува веќе добро постоечките шпекулации во домашната ракометна јавност за тивко стивнување на најдобриот женски ракометен колектив во земјава.
Согласно најавите во јуни од Вардар заминуваат и Андреја Лекиќ, Драгана Цвијиќ и Јованка Радичевиќ, само како дополнение на веќе најавеното заминување на Французинката Александра Лакрабер која веќе потпиша од јуни со францускиот Флери.
Веќе е најавено заминување и на голманката Амандин Лејно која најверојатно кариерата ќе ја продолжи во унгарски Ѓер, а претходно за свое ракометно пензионирање информираше Андреа Пенезиќ.
Домашната спортска јавност за постепено повлекување на Сергеј Самсоненко од македонскиот спорт гласно шпекулираше уште во август минатата година, кога Русинот најави повлекување од трите вардарови клуба, наводно поради лутина за притисокот пред фудбалскиот меч од квалификациите за ЛЕ против турски Фенербахче. Но добрите познавачи на состојбите во и околу Вардар и тоа како добро знаат дека причините за финансиското „стишување“ се од сосема поинаква природа.
Бројни заминувања веќе се реализирани и се најавуваат и за РК Вардар. Арпад Штербик се сели во Веспрем, Циндриќ се договори со Кјелце, тренерот Раул Гонзалес оди во ПСЖ, а Илија Абутовиќ и Хорхе Македа се на пат кон Рајн Некар Левен. Добро е познат интересот и за Борозан, Марсениќ и Канељас. До следниот!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА