Њу Ингланд патриотс и Атланта фалконс успеаја да стигнат до големото финале во НФЛ – лигата и на 5.февруари во Хјустон ќе играат во 51.издание на Супербоул. „Патриотите“ ќе атакуваат на својата петта шампионска титула во историјата, додека за Атланта тоа би бил прв триумф во големото финале.
Легендарниот квотербек на Њу Ингланд патриотс, Том Бреди, ги предводеше своите соиграчи до рекордното деветтто учество на Супербоул, а за него лично седми настап во финалниот двобој. Тоа досега му нема појдено од рака на ниту еден квотербек во историјата. Њу Ингланд патриотс во финалето на конференцијата АФЦ беа подобри од Питсбург стилерс и славеа со 36-17. Бреди фрли вкупно 384 јарди и имаше три тачдауни.
„Среќен сум за момците, за Њу Ингланд патриотс, за нашите фанови. Повторно сме во Супербоул, ќе биде тоа ѓаволски добро финале против Атланта фалконс“, изјави Том Бреди.
Атланта фалконс во финалето на конференцијата НФЦ ги победи Грин Беј пекерс со 44-21. По првите две четвртини домаќинот имаше водство од 24-0, по што Грин Беј не можеше да се врати во мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА