Том Брејди е спортски феномен – испиша историја и со Тампа Беј

Том Брејди уште еднаш го оправда епитетот „спортски феномен“ откако извонредниот квотербек во 43. година од животот успеа да се пласира во Супербоул-натпреварот, и тоа во својата прва сезона како член на Тампа Беј. Брејди создаде династија во Њу Ингланд, но на почетокот од минатата година реши да ги напушти „патриотите“ и да прифати еден последен предизвик во кариерата – преселба во Тампа Беј, во клубот што 19 години немаше пласман на Супербоул.

Предводени од големиот ас, играчите на Тампа синоќа славеа на гостувањето против Грин Беј со 26-31, со што испишаа историја, па на 7 февруари ќе бидат прв тим што ќе игра Супербоул на домашен терен, против екипата на Канзас Сити чифс. Брејди одигра извонредно прво полувреме, но ветеранот во вториот дел имаше дури три пресечени топки. Сепак, одбраната го издржа притисокот, па Тампа Беј по Њу Орлеанс победи уште еден голем ривал на гостински терен, закитувајќи се со титулата НФЦ-шампион.

Во големото финале Брејди и соиграчите ќе ги очекува пресметка со актуелниот шампион Канзас Сити, кој славеше над Бафало со 38-24. Канзас Сити има можност да стане прв тим што освоил две титули во низа по Њу Ингланд во 2003 и 2004, кога „патриотите“ ги предводеше токму Том Брејди.

Се вчитува...