Британецот Герејнт Томас ќе го крене шампионскиот пехар на годинашното издание на најпознатата велосипедска трка Тур Д’ Франс. Тој е сигурен лидер во генералниот поредок во пресрет на денешната завршна етапа кој ќе се вози низ Париз.
Досегашните искуства од велосипедските трки налагаат дека водечкиот на последниот ден никогаш не е предизвикан за конечниот триумф, па затоа Томас денеска практично само треба да ја заврши парадната етапа.
Со успехот, Томас ќе ја прекине доминацијата на тимскиот колега од „Скај“, Крис Фрум на трите големи трки изминатава година. Дека Фрум нема да ја одбрани титулата стана јасно на етапите 18 и 19 на Пиринеите кога ланскиот победник не успеа да го достигне сонародникот.
Томас ќе биде третиот Британец кој тирумфирал на Тур Д’ Франс во последните шест години по Бредли Вигинс и Крис Фрум. Ова ќе биде шеста британска и шеста победа на тимот „Скај“ во последните седум сезони од исцрпувачката тринеделна трка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА