Управниот Одбор на КФСМ од денеска е збогатен со уште едно добро познато име во нашите кошаркарски кругови, Томица Главчев по неколкугодишна пауза се враќа во мак-баскетот, овојпат како дел од УО во федерацијата.
Успешниот гевгелиски бизнисмен долги години стоеше како прв човек на Кожув, а извесен период беше и спонзор на МЗТ Скопје, во сезоните кога аеродромци влегоа и се натпреваруваа успешно во АБА1 лигата. Тој беше сопственик на КК Блокотехна, клуб кој разви успешна кошаркарска приказна во Гевгелија, стигнувајќи до полуфиналето во плејофот, финалето во Купот на Македонија, воедно и успевајќи да се закити со титулата во регионалната БИБЛ-лига.
Главчев ја прифатил соработката со актуелното раководство на КФСМ и денеска и официјално беше изгласан за нов член на Управниот Одбор, нешто што се очекува да има позитивен импакт врз мак-баскетот, со самото враќање на човек кој дваесетина години наназад се покажал како несебичен помагател на македонскиот спорт, во прв план кошарката.
Заедно со Главчев нов член на УО од денеска е и Александер Павлов, долгогодишниот македонски судија кој исто како и Главчев се враќа во кошаркарските кругови, но со една поинаква улога.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА