Поранешниот капитен на македонската репрезентација, Томе Пачовски, повторно е дел од националниот тим откако екс-голманиот стана дел од стручниот штаб на селекторот Милевски.
Поранешниот голман во домашните Пелистер, Брегалница Делчево, Работнички, Вардар, интернационалец во Јоникос (Грција) и белгиските Бершот и Мехелен ќе биде вклучен во стручниот штаб на селекторот Благоја Милевски како тренер на голманите во А репрезентацијата на Македонија.
„За мене е голема чест што добивам можност да работам во националниот тим на Македонија. Со многу радост му се приклучувам на тимот предводен од селекторот Милевски. Верувам во оваа екипа и се надевам дека ќе помогнам. Имаме потенцијал, квалитетни фудбалери, селектор кој е студиозен, ништо не остава на случајност, работи според планирана програма и сака модерен фудбал. Ги познавам фудбалерите во тимот, имаме квалитетни голмани и ќе се обидам да помогнам да бидат подобри и постојани во настапите. Заеднички ќе се трудиме да ја задржиме и надградиме позивната атмосфера во составот. Нѐ очекуваат големи предизвици во следниот периот, но секој вистински спортист се радува на тоа“, изјави Пачовски.
Томе Пачовски има 46 настапи за нашиот национален тим. За македонската репрезентација дебитираше 2006 година на пријателскиот натпревар против Турција, а последниот настап во дресот на Македонија го имаше против Украина 2015 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА