Македонија славеше со убедливи девет гола разлика против Русија и оствари историски успех меѓу шесте најдобри селекции на еден светски шампионат. Нашите младинци успеаја да го остават зад себе разочарувачкиот пораз од Франција во четвртфиналето, па со извонредното прво полувреме стигнаа до убедлив триумф над „зборнаја“.
„Мечот помина токму онака како што посакувавме. Победата е заслужена со оглед на играта, но морам да кажам дека не беше лесно да се најде мотивација. Чувството беше како да играме за последно место, но сепак одговоривме на предизвикот, заигравме како што знаеме. Одлично отворивме, за до крај да ја одржуваме таа разлика. Имаше дисциплина, се функционираше како што се договоривме, го дадовме својот максимум и на крајот се радувавме“ – истакнува голманот Мартин Томовски, кој имаше 11 успешни интервенции, а успеа и да постигне еден гол на оваа средба.
Следен предизвик, воедно и последен заеднички натпревар на оваа генерација, ќе биде утрешниот меч за петтото место против селекцијата на Унгарија.
„Сигурно дека ќе најдеме мотивација за утре. Тоа е последден меч на натпреварот, ќе дадеме се од себе, да одиграме максимално сконцентрирано. Добриот пристап може да ни ја донесе победата“ – вели Томовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА