Мартин Томовски направи огромен чекор напред во кариерата со преселбата во Бундес-лигата откако потпиша договор со Лудвигсхафен. Овој тим едвај се спаси од испаѓање со одлуката за проширување на лигата, на нашиот репрезентативец ќе има шанса повторно да биде дел од елитното друштво. Периодот на адаптација во новата средина сега е минат, па Томовски очекува подобри игри, но и поголема минутажа во наредната сезона.
„Среќен сум што сум овде и едвај чекам да почне сезоната. Искрено, сакам да играм повеќе отколку што тоа беше случај минатата година“, истакнува Мартин Томовски.
Македонецот потенцираше дека има беспрекорна соработка со Горазд Шкоф, ветеранот од Словенија чии совети му се од огромна помош на нашиот интернационалец.
„Шкоф навистина ми е од огромна помош. Има патувано многу, има видено најразлични работи во ракометот и неговите совети се добредојдени“, вели Томовски.
Стратегот на Лудвигсхафен, Бен Машке, очекува Шкоф да ја има улогата на прв голман, но најавува дека Томовски ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети.
„Адаптацијаа има голема врска со јазикот, а Мартин напредуваше и со германскиот. Задоволни сме од начинот на кој работи, дава се од себе, тој знае што очекувам од него. Томовски е млад, добро трениран голман и верувам дека ќе има што да покаже во својата втора година овде. Сигурно ќе добие шанса кога Шкоф ќе има потреба од одмор“, изјави тренерот на Лудвигсхафен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА