Томовски: Португалија не се добива само со по 10-15 добри минути во секое полувреме

Мартин Томовски имаше одлична улога во македонскиот национален тим на мечот со Португалија, помогна „црвено-жолтите“ целосно да се вратат во натпреварот, па дури за момент и да поведат, но и тоа се покажа недоволно за да се стигне до позитивен резултат.

Томовски не го криеше разочарувањето по конечниот исход, но и најави дека сите ракометари се подготвени уште понапорно да работат за нашиот национален тим да се врати во победнички ритам.

„Португалија не е ривал што се добива само со по десетина петнаесет добри минути во секое полувреме. Станува збор за многу квалитетна репрезентација и ја оправдаа фаворитската улога. Ние се соочуваме со одредени промени, тоа се одразува врз резултатите, но мораме да веруваме во она што го работиме. Она што мораме да го напреднеме, да прикажеме повеќе борба, повеќе жар во дуелите, одбраната мора од ден во ден, од натпревар во натпревар да биде се подобра. За нападот секогаш ќе се најде решение, но поправање на одбраната мора да биде наш приоритет во овој момент, за да се вратиме на посакуваните патеки“, изјави Томовски по натпреварот.

Се вчитува...