Македонските ракометари ги продолжуваат подготовките во Маврово, каде националниот тим ќе остане до утре, кога ќе биде означен и крајот на првата фаза од овој подготвителен период за СП 2023.
Голманот Мартин Томовски е задоволен од атмосферата во националниот тим, како и од напорната работа на тренинзите, се со цел играта да се крене на едно повисоко ниво за претстојниот мундијал.
„Атмосферата во репрезентацијата е одлична, станува се подобра и подобра со секој нареден ден што сме заедно. Еве сега веќе не сме млади, туку сме тие што треба да преземеме одговорност, ние сме сега во тој дел, каде што ние сме постари и треба да им помогнеме на помладите. Секој има своја задача, напорно е, но во одличен амбиент се тренира. Мора ова да се одработи, ова е таква фаза на подготовки. За противниците, засега специфично не се подготвуваме, нашето време е посветено на нас, на нашата игра, на тој систем на селекторот. Има разни идеи, брзи напади, нормално и сигурна игра до позиции и можам да кажам дека се е во ред. Засега сите се здрави и тоа ми е најголема желба, да останеме сите така. Потоа, селекторот ќе одлучува кој ќе оди натаму“, изјави Томовски.
Цврста одбрана и добра соработка со голманот е рецептот за успех во ракометот, нешто што се очекува да биде и наш заштитен знак во Крако.
„Посветуваме големо внимание на играта на одбрана. Ако имаме добра дефанзива ќе бидеме сите поефективни и сите можеме повеќе да придонесеме во целата игра, да не се трошат премногу сите. Веруваме во нас, но да не летаме во облаци. Во овој момент сме фокусирани на подготовките, турнирот во Хрватска, па ќе добиеме јасна слика, ќе направиме последни корекции и да се претставиме во најдобро светло“, вели голманот на Вардар и на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА