Сандро Тонали им фрли „ракавица в лице“ на големите ривали во пресрет на новата сезона од Калчо-лигата. Плејмејкерот на Милан постигна неколку значајни погодоци со кои даде голем придонес за освојувањето на титулата e подготвен за одбрана на скудетото, иако е јасно дека „росонерите“ ќе се соочат со огромен предизвик.
Медиумите во Италија им даваат предност на Интер и на Јувентус во прогнозите за трката за скудетото, но Тонали не е многу загрижен поради тоа.
„Читам Интер и Јуве биле подобри… тоа го велевте и лани, па видовте како заврши. Ние сме сами со нашите фанови и да бидам искрен, не обрнуваме внимание што зборуваат другите. Не можеме да го смениме она што го мислат, но можеме да им покажеме дека не биле во право. Кој беше најзаслужен за скудетото? Мислам дека беше Пиоли, тој е човекот кој дојде во клубот во една тешка ситуација и го искачи Милан на врвот“, изјави Тонали.
За екс-фудбалерот на Бреша постои сериозен интерес од Арсенал, но за него нема дилема каде ќе настапува во новата сезона.
„За мене постои само Милан, едвај чекам да почнеме и да им ја покажам новата тетоважа на нашите верни навивачи“, порача Сандро Тонали.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА