Големиот обложувачки скандал продолжува да ја тресе италијанската јавност, по најавите дека наскоро ќе бидат објавени нови имиња на фудбалери кои ги прекршиле правилата обложувајќи се по илегални мрежи.
Николо Фаџоли, кој беше првиот фудбалер објавен во скандалот, целосно соработувал во истрагата, па според најавите од Италија тој ќе добие суспензија од околу осум месеци, што би значело дека ќе ја пропушти оваа сезона, но ќе биде во комбинација за стартот на наредниот шампионат на Италија.
Сандро Тонали е најновиот фудбалер кој е подготвен за спогодба со обвинителството, откако играчот на Њукасл веќе испратил сигнали дека е подготвен да соработува целосно и да каже се што знае за мрежата на илегално обложување во која биле вклучени бројни фудбалери. Она што е интересно, Фаџоли во својата изјава го посочил токму Тонали како фудбалерот кој го внел во светот на илегалното обложување, па останува да се види како ќе одговори асот на Њукасл на овие тврдења на играчот на Јувентус.
Најавите од Апенинскиот полуостров велат дека Тонали сигурно ќе добие подолга суспензија од Фаџоли, а прогнозите велат дека неговата пауза од терените ќе изнесува околу една година, секако огромен удар за еден од најдобрите млади фудбалери во Италија, кој летово направи мегатрансфер од Милан во Њукасл.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

