Милан стигна до значајни бодови во Калчо-лигата триумфирајќи на гостувањето против Верона со 1-2, меч што го реши погодокот што го постигна Сандро Тонали. Одличниот играч за врска и лани постигна значајни голови во Верона, во дуелот што беше од големо значење во трката за скудетото, за и вечерва да блесне кога беше најважно, па со гол во финишот да му донесе цел плен на актуелниот првак на Италија.
Дуелот почна одлично за „росонерите“, кои поведоа со автоголот на Велосо, кој несмасно ја смести топката во сопствената мрежа по центаршутот на Рафаел Леао. Само една минута подоцна Милан имаше стопроцентна шанса и за втор гол, но Жиру не реализираше откако излезе еден на еден со домашниот голман. Верона тргна похрабро кон голот на „росонерите“ и заслужено стигна до израмнување, а домашниот состав имаше убава шанса за втор погодок во второто полувреме, кога гредата го спаси Татарушану.
Милан конечно тргна офанзивно во завршните дваесетина минути, пристап што вроди со плод кога Тонали одлично втрча и погоди за 1-2 на асистенција на Анте Ребиќ.
Актуелниот првак со вечерашната победа се искачи на третото место на табелата со 23 бода, три помалку од лидерот Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА