Тони Крос со порака до Мбапе и Винисиус: „На фудбалер на кој му свират на ‘Сантијаго Бернабеу’….“

Иако високата победа во Лигата на шампионите делуваше како еден вид лек и донесе одмор по тензиите видени на натпреварот против Леванте, јавноста во Шпанија се уште зборува за свирежите од „Сантијаго Бернабеу“ за фудбалерите на Реал Мадрид.

И Тони Крос, човек кој со години е дел од соблекувалната на Реал Мадрид и кој многу добро знае како изгледа да се игра под постојан притисок, зборуваше на оваа тема.

„Фудбалер кој никогаш не бил исвиркан на Сантијаго Бернабеу не е голем играч“, вели Крос, реченица која претставува еден вид порака до Винисиус и до Мбапе, и дополнува:

„Може да се каже дека тоа е Реал Мадрид. Не е неговото најубаво лице, но многу добро опишува што значи да се игра во овој клуб. Секогаш навивачите избираат големи имиња, и за добро и за лошо“.

Сепак, Крос јасно стави до знаење дека овој пристап на навивачите не секогаш помага кога тимот поминува низ тежок период.

„Ако ве пречекуваат свирежи пред натпреварот, тоа сигурно не го олеснува постигнувањето на она што клубот и сите го сакаат: да победуваат и да играат добро“, рече Крос.

Искусниот играч од средниот ред потсети дека Реал Мадрид не е во криза за прв пат и дека ваквите ситуации не се ништо ново во историјата на клубот.

„Откако освоивме три титули во Лигата на шампионите по ред, сезоната 2018/19 требаше да биде фрлена во ѓубре. А потоа се вративме“, се присети Крос.

Тој додаде дека сегашните проблеми не се изолиран случај.

„Ова е втора сезона во која работите не изгледа дека одат како што треба и тоа создава проблеми. Ова не е клуб што прифаќа долги периоди без трофеј“, објасни поранешниот германски репрезентативец.

Сепак, тој верува дека сегашната генерација играчи има ментална сила да се справи со притисокот.

„Играчите знаат со што се соочуваат, но сигурен сум дека се доволно ментално силни за да продолжат и да ја свртат ситуацијата во своја корист. Нашата генерација исто така имаше лоши периоди“, рече Крос.

Се вчитува...