Поранешниот тренер на Рафаел Надал, неговиот чичко Тони, откри дека најголем ривал на Шпанецот во кариерата му е Новак Ѓоковиќ, многу потежок противник од Роџер Федерер. Во меѓусебните дуели Рафа губи од Ѓоковиќ со 28-25, а со Федерер има позитивен скор од 23-15.
„Додека јас му бев тренер, најтежок ривал му беше Ѓоковиќ. Секогаш сум чувствувал дека доколку Ѓоковиќ игра добро, потешко е да го победиш од Федерер. Новак правеше се како треба, и напад и одбрана, секогаш беше натпреварувачки настроен, а јас сакав максимум од Надал“, вели Тони Надал.
Покрај позитивниот скор со Федерер, Надал во 2017 година ги загуби сите четири меча против Швајцарецот.
„Многу долго играта на Федерер беше комфорна за Рафа, но тогаш Федерер ја промени тактиката, стана поагресивен, поените побрзо ги завршуваше и не дозволуваше Рафа да ја игра својата игра“, додава Надал.
По две години пауза, Федерер се враќа на турнирите на земја, a големата тројка заедно на еден турнир на земјена подлога повторно ќе се сретне на Мастерсот во Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА