Со малото лондонско дерби помеѓу Кристал Палас и Арсенал денеска започнува новата сезона во Премиерлигата. Во неа Манчестер Сити кој е засилен со еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Ерлинг Халанд ќе го брани трофејот пред останатите „топ шест“ екипи.
Интересно, норвешкиот репрезентативец кој го чинеше актуелниот шампион на Англија 64 милиони евра е второто најскапо засилување за премиерлигашите ова лето. На врвот на оваа листа се наоѓа Дарвин Нуњез, Уругваецот се пресели од Бенфика во Ливерпул за 79 милиони евра.
Топ десет листата на најскапи трансфери ова лето ја продолжуваат: Ричарлисон кој од Евертон премина во Тотенхем за 61.9 милиони евра, Лисандро Мартинез кои боите на Ајакс ги замени со оние на Манчестер Јунајтед за 61.2 милиони евра, Рахим Стерлинг кој за 56.2 милиони евра премина од Манчестер Сити во Челси.
Габриел Жезус кој трансферот во Арсенал од Манчестер Сити го оствари за 52.2 милиони евра, Калвин Филипс кој се приклучи на „граѓаните“ од Лидс за 48.7 милиони евра, Калиду Кулибали кој премина од Наполи во Челси за 38 милиони евра, Свен Ботман за кој Њукасл потроши 37 милиони евра и Џанлука Скамака кој со трансферот од Сасуоло во Вест Хем за 36 милиони евра стана трет најскап трансфер во историјата на „чекичарите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

