Топ 5 фудбалери на деценијата – Роналдо, Меси, фудбалскиот Моцарт и шпанските генијалци

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК составува листа од топ 5 фудбалери кои ја одбележаа изминатата декада.

ЛУКА МОДРИЌ 

Листата ја почнуваме со хрватскиот фудбалски Моцарт кој успеа да ја прекине доминацијата на Роналдо и Меси. Модриќ ја водеше репрезентацијата до историското финале на Светското првенство во Русија, со кое си заработи место меѓу бесмртните не само во Хрватска, туку и во светот. Со Реал Мадрид успеа четири пати да ја освои Лигата на шампионите, а со освојувањето на „Златната топка“ минатата година стана првиот фудбалер по Рикардо Кака кој го освоил големото признание, а не се вика Роналдо или Меси. 

ЧАВИ ХЕРНАНДЕЗ

Почетокот на декадата му припадна на веројатно еден од најдобрите фудбалери за врска во историјата. Чави ја предводеше Шпанија во доминацијата во светскиот фудбал која почна со освојувањето на Светското првенство во Јужна Африка. Неговата смиреност, феноменалното чувство за игра и прецизните додавања ја одбележаа најдобрата ера во историјата на најважната споредна работа во животот. Чави со Шпанија се радуваше и на европската титула во 2012 година, а со Барселона на два пати во деценијата (2011 и 2015) година успеваше да ги освои сите можни трофеи. Ќе остане само како мала неправда тоа што Чави ниту еднаш не беше носител на „Златната топка“ која ја доделува престижниот „Франс фудбал“.

АНДРЕС ИНИЕСТА 

„Златното момче“ на шпанскиот фудбал е еден од најзаслужните за доминацијата на Барселона и Шпанија изминатата декада. Со голот во финалето на Светското првенство 2010 своето име го запиша на листата на бесмртни. Големината на Иниеста е таа што на сите стадиони ширум светот е пречекан со почит, а по освојувањето на Мундијалот на секој стадион во Шпанија беше пречекан со овации, меѓу кои и на теренот на најголемиот ривал, Реал Мадрид, „Сантијаго Бернабеу“. Декадава го освои и Европското првенство 2012, а како и Чави и тој со Барселона во 2011 и 2015 година ги освои сите можни трофеи. На крај мора сите да се сложиме со една констатација, дека доколку Меси и Роналдо не беа дел од оваа прекрасна игра, дефинитивно Чави и Иниеста ќе беа најдобри на сите времиња.

КРИСТИЈАНО РОНАЛДО 

Вечно ќе остане дебатата Кристијано Роналдо или Лионел Меси. Веројатно никогаш нема ниту да се разреши кој навистина е најдобриот во историјата. Авторот на текстот верува дека не е доволно компетентен да даде вистински одговор и затоа двајцата се наоѓаат на делба на првото место за оваа декада. Што повеќе да се каже, освен Кристијано Роналдо. Четири титули во пет години во Лигата на шампионите со Реал Мадрид. Ја водеше Португалија до златото на Европското првенство 2016 во Франција и тоа во финалето токму против фаворизираниот тим, кој само две години подоцна застана на врвот на светот. Урна многу рекорди и на индивидуален и на екипен план. Пет „Златни топки“ досега во кариерата, а сега е пред нов предизвик, освојување на Лигата на шампионите со Јувентус, клуб кој и покрај доминацијата во Италија, повеќе од 20 години чека на трофеј во елитното натпреварување.

ЛИОНЕЛ МЕСИ 

Најталентираниот човек кој некогаш ја играл оваа игра. Генијалец, виртуоз, маестро се само дел од прекарите кои заслужено стојат пред неговото име. Лионел Меси повеќе од една деценија ги воодушевува фудбалските сладокусци ширум светот. Оваа декада со Барселона два пати ја освојуваше Лигата на шампионите, а „просечната“ Аргентина успеа да ја донесе до финалето на Мундијалто 2014 во Бразил, кога несреќно по продолженија загуби од моќната Германија. Шест „Златни топки“ милион индивидуални признанија и урнување на сите можни рекорди кога се во прашање постигнување на голови. Девет од десетте години во оваа декада, даваше повеќе од 50 гола во една календарска година. Едноставно, един и единствен Лионел Меси. Аргентина е земја која живее за фудбалот, а сега по 15 години доминација, на „фудбалскиот олимп“ во градот на „Добриот воздух“, покрај за Диего Армандо Марадона, има место и за Лео Меси.

 

Се вчитува...