Топ 5 зимски трансфери: Пјонтек, Игуаин, Паредес…

Вообичаено е клубовите да не трошат премногу пари во јануарскиот преоден рок, чувајќи ги средствата за засилувања за летото, но оние кои се соочуваат со проблеми и на кои им е неопходна помош сепак мора да ги пополнуваат „дупките“ среде сезона. Исклучок не беше ниту овој јануари, во кој бевме сведоци на неколку топ-трансфери, но со вредноста ниту еден не беше блиску до оние 140 милиони евра што Барса пред 12 месеци ги плати за Филипе Кутињо.

Кжиштоф Пјонтек

Милан мачеше мака со напаѓачите, па даде зелено светло за заминување на Игуаин и на негово место го доведе Пјонтек. Полјакот на стартот на сезоната уриваше рекорди со Џенова, па неговиот тим наплати 35 милиони евра од трансферот. Парите почнаа да се враќаат експрeсно, Пјонтек блесна со два гола во Купот на Италија, со што го одведе Милан во полуфиналето, а се очекува во ист ритам да продолжи и во „Серија А“, како и во Лигата на Европа.

Гонзало Игуаин

Маурицио Сари бараше напаѓач во Челси, а управата му го прифати барањето тоа да биде неговиот поранешен миленик од Наполи, Гонзало Игуаин. Аргентинецот пристигна на позајмица до крајот на сезонава, но во првите две средби се покажа во очајно издание, експресно навлекувајќи го бесот на навивачите.

Факт е дека Сари може да го извлече најдоброто од овој одличен голгетер, но тоа мора да го стори што поскоро, во спротивно и италијанскиот стратег ќе добие отказ, а Игуаин по крајот на сезонава ќе се врати во Јуве, каде е прекуброен во напаѓачките опции на „старата дама“.

Леандро Паредес

ПСЖ долго беше во потрага по квалитетен играч за врска, а изборот на крајот падна врз Леандро Паредес. Аргентинецот воедно е и најскап фудбалер во овој преоден рок откако „светците“ му платија на Зенит 40 милиони евра за овој трансфер. Паредес ќе ја донесе неопходната цврстина во средниот ред и сигурно ќе биде достојна замена за Рабио, кој е избркан во вториот тим поради одбивање да потпише нов договор со „светците“.

Цеск Фабрегaс

Шпанецот најверојатно веднаш се покаја што дојде во Монако. Тој ја прифати поканата на Тиери Анри да му се приклучи на поранешниот француски првак за да помогне во борбата за опстанок, но само неколку дена подоцна Анри доби отказ. Останува да се види колкава минутажа ќе добие Фабрегас кај новиот тренер Жардим, но јасно е дека тој поседува и квалитет и искуство за да помогне во остварување на зацртаните цели.

Марио Балотели

Трансферот во Олимпик Марсеј требаше да се комплетира уште во текот на летото, но не беше постигнат договор со Ница околу висината на отштетата. „Супер Марио“ во меѓувреме влезе во бројни конфликти со тренерот Виеира, па на крајот челниците на Ница му дозволија да си замине шест месеци порано од предвиденото. Јасно е, Балотели може да биде играч од највисока класа и лидер на Олимпик, но исто така и „рак-рана“ на секој клуб доколку надвладее недисциплината која му е заштитен знак низ годините.

Олимпик Марсеј реши да се коцка, останува да се види дали ќе добие или ќе загуби со овој трансфер.

Се вчитува...