Торино и официјално: Чест ни е што го доведовме Елиф Елмас во нашите редови

Елиф Елмас од денеска и официјално е нов член на Торино, откако македонскиот репрезентативец успешно ги мина лекарските прегледи и го стави својот потпис на договорот со овој италијански прволигаш.

Откако стана јасно дека ќе си замине од Лајпциг тој доби неколку интересни понуди, се чинеше дека е најблиску до преселба во Валенсија, но на крајот Елиф сепак се реши да ја прифати понудата на Торино. Според договорот меѓу клубовите, Елмас ќе остане на позајмица до крајот на сезонава, а Торино ќе има можност летово да го откупи неговиот договор со Лајпциг за 17 милиони евра.

„Чест и задоволство ни е што можеме да објавиме дека го комплетиравме трансферот на Елиф Елмас од Лајпциг, на привремена база со опција за перманентен трансфер“, објави Торино.

Елмас по една година пауза се враќа назад во италијанската Калчо-лига, каде со успех ги бранеше боите на Наполи, тим со кој пред две сезони стигна и до шампионското скудето.

Она што е најважно, Елиф конечно ќе биде во клуб каде ќе биде стандарден првотимец и ќе може што поскоро да си ја врати самодовербата што ја загуби греејќи ја клупата на Лајпциг. Влегувањето во натпреварувачки ритам на нашиот најдобар фудбалер секако е одлична вест и за националниот тим, кого во оваа година го очекуваат квалификациите за СП 2026.

Се вчитува...