Раководството на Торино е презадоволно од она што Елиф Елмас го прикажа во изминатите пет месеци во овој клуб, па „торинезите“ наскоро ќе почнат преговори со Лајпциг за да го ангажираат македонскиот репрезентативец во своите редови. Торино реши да не ја активира клаузулата за да го откупи договорот на Елмас за 17 милиони евра, но тоа не значи дека овој клуб се откажува од намерата да го доведе „дијамантот“ со перманентен договор.
Како што информираат италијанските медиуми, станува збор за рецепт добро познат за претседателот Урбано Каиро, кој на ист начин успеа да го доведе и Хрватот Влашиќ од Вест Хем, спуштајќи ја значително неговата цена во преговорите со лондонскиот клуб.
Во прилог на Торино оди фактот дека засега нема преголем интерес за Елиф, за кого загреан е холандскиот вицепрвак Ајакс, но без конкретна понуда до Лајпциг. Германскиот клуб бара 17 милиони евра, но најверојатно ќе мора што поскоро да ја спушти оваа цена, особено ако се знае дека откако Лајпциг не обезбеди место во ЛШ сега ќе мора активно да продава летово за да може да си дозволи нови засилувања во овој преоден рок.
За Торино приоритет во моментов е именување на нов тренер по разделбата од Ваноли, по што ќе следат и преговорите со германскиот клуб за Елмас. Неофицијално, понудата на италијанскиот прволигаш ќе изнесува 10 милиони евра, па ќе биде интересно да се види дали Лајпциг ќе прифати или ќе чека подобра понуда за Елиф како што ќе одминува преодниот рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

