Антонио Конте и неговиот Челси се соочија со уште едно одбивање од Торино за нивниот најдобар голгетер, Андреа Белоти. Од раководството на Торино беа јасни и првиот пат кога кажаа дека Белоти ќе замине само ако ја добијат посакуваната цена од 100 милиони евра. Според медиумите од островот, „биковите“ одбиле 60 милиони евра за италијанскиот репрезентативец, кој сезонава стигна до бројката од 24 гола во домашното првенство.
Имено клубот од Лондон во целокупната понуда стигна до бројката од 100 милиони, но изворите велат дека само 60 милиони евра ги добиваат од старт, а останатите 40 милиони ќе ги добијат во зависност од учинокот на Италијанецот во натпреварувањата, што значи дека доколку Белоти продолжи со оваа форма и во дресот на „сините“, Торино ќе ги добие бараните 100 милиони евра. Сепак, планот на Челси пропаѓа бидејќи директорот на Торино, Џанлука Петрачи бара клаузулата да биде целосно исплатена, без услови.
Актуелниот лидер на табелата во Англија следната сезона ќе се врати во елитното европско натпреварување, а целта на Конте е да атакува кон трофејот кој Челси го донесе на „Стемфорд Бриџ“ во 2012 година. Иднината на Диего Коста останува неизвесна, па италијанскиот стратег сака да обезбеди стрелец од негов калибар во случај да Бразилецот со шпански пасош ги напушти „сините“ летово.
Иако интересот на Белоти е огромен, за неговиот потпис силно притискаат Манчестер сити и ПСЖ, 23-годишниот напаѓач изјави дека останува во Торино и наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА