Навивачката група на сплитски Хајдук, популарната „Торцида“, најави дека ќе го спречи поставувањето на спомен-плочата за кавадарчанецот Сашко Гешовски, македонски војник во ЈНА, кој беше убиен на големиот протест на 6 мај 1991 година во Сплит.
Град Сплит донесе одлука да се постави спомен-плоча за Сашко Гешовски кој загина во Сплит, а притоа написот да биде и на кирилица. Но, навивачите на Хајдук сметаат дека сето тоа е провокација поради што истакнаа дека најпрво ќе спречат поставување на плочата, а доколку и биде поставена истата ќе ја урнат.
„Градоначалник, заменик-градоначалник и сите други клошари кои се криете зад разни совети, комисии и иницијативи, имаме порака за вас! Никогаш нема да дозволиме да ги оцрнувате и клеветите хрватските ветерани, нивните семејства и сите други жители на Сплит и Хрватите, ниту да го користите јавниот простор за одвратни обиди за освојување политички поени на начин што ги обезвреднува вредностите и жртви на Татковинската војна со подигање споменици на регрути на непријателските и криминалните војски. На кирилицата и нема место во Сплит“, се вели во соопштението од „Торцида“.
Сашко Гешовски е македонски војник од Кавадарци, во рамките на поранешна ЈНА, кој пред почетокот на распадот на СФР Југославија беше застрелан додека чувал стража пред касарната во Сплит за време на демонстрациите на тие што поддржувале независност на Хрватска. Никогаш не е откриено кој пукал во него. Македонски офицер на ЈНА, пак, беше човекот кој го спаси Сплит од разорно бомбардирање за време на граѓанската војна на хрватска територија. Станува збор за адмирал Драгољуб Боцинов, кој одби да ја изврши наредбата која ќе доведеше до илјадници цивилни жртви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА