Македонската репрезентација ќе биде дополнително засилена за претстојниот квалификациски двомеч за СП 2026 откако селекторот Благоја Милевски испрати повик до голгетерот на Австрија Клагенфурт, Давид Тошевски.
Овој 23-годишен голгетер минатиот викенд постигна прекрасн погодок за својот тим против Алтах (во ремито од 2-2), оставајќи ги зад себе проблемите со повредите што ги имаше до неодамна. Нашиот национален тим веќе ги стартуваше подготовките, а селекторот реши дополнително да ги зголеми опциите во нападот со повикот до Тошевски.
„Ова е одлична вест за Давид, но и за целиот наш клуб. Пресреќни сме што имаме репрезентативен фудбалер во своите редови и убедени сме дека тој одлично ќе го претстави нашиот клуб и на репрезентативен план“, обелодени спортскиот директор на Австрија Клагенфурт, Гинтер Горенцел.
Македонската експедиција в четврток патува за Лихтенштајн каде в сабота ќе го отвори новиот квалификациски циклус, по што во вторник ќе следи и првиот дуел на домашен терен, на кој за противник ќе ја имаме репрезентацијата на Велс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА