На кошаркарскиот клуб Монако му се заканува тотален колапс откако кошаркарите најавиле дека нема да настапат на претстојниот меч против Шалон во француското првенство. Причина се – платите што се должат во Монако и неодговорноста на управата која повторно ги излажа играчите со ветувањето дека парите ќе ги земат најдоцна до петти февруари.
Долговите на актуелниот европски првак се зголемуваат се повеќе, па така кошаркарите не ја земале ниту декемвриската, ниту пак јануарската плата. Во период на огромна финансиска неизвесност на клубот, кога се преговара и со кралското семејство да помогне да се избегне најцрно сценарио, кошаркарите настапуваат во Евролигата, но без преголема мотивација каде Монако влезе во губитничка серија.
Во изминатите денови Монако најпрвин загуби од Жалгирис, а потоа и од Баерн, „кнезовите“ врзаа пет порази во низа, а веќе се појавија и информации дека по еден до два дена неделно избраниците на Спанулис не тренирале како предупредување до управата. Ситуацијата сега е ескалирана, откако клупските директори го прекршиле ветувањето дека најдоцна до вчера ќе бидат исплатени декемвриските плати.
Ставот на играчите е дека викендов нема да истрчаат на терен против Шалон во францускиот шампионат, па останува да се види дали ќе се најде решение или „кнезовите“ ќе доживеат невиден срам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

