Реал Мадрид и Тотенхем одиграа нерешено, 1-1 во дерби натпреварот од третото коло во групата Х од Лигата на шампионите. „Спарси“ не добија очигледен пенал при 0-0 за старт врз Љоренте, но сепак поведоа со автоголот на Варан. Реал успеа да израмни со пеналот на Роналдо откако Крос беше соборен во шеснаесетникот, а „кралевите“ потоа во второто полувреме не искористија стопроцентна шанса преку Бензема, кога Љорис го одбрани неговиот зицер со глава од пет метри. Тотенхем исто така имаше можност да стигне до цел плен, но Кејн од идеална позиција не успеа да го совлада Кејлор Навас.
Борусија Дортмунд си ги сведе на теорија шансите за пласман во следната рунда со ремито на Кипар против АПОЕЛ. Домаќините поведоа по слабата интервенција на Бурки, германскиот гигант израмни преку Папастатопулос, но среќата им го сврте грбот на „милионерите“, кои создадоа неколку одлични шанси за победа, а обидот на Кагава заврши само во гредата.
Многу интересно беше и во Манчестер, каде Манчестер сити го совлада Наполи со 2-1. Тимот на Гвардиола поведе по само петнаесетина минути со 2-0 преку Стерлинг и Хесус, а Мертенс промаши пенал пред крајот на првото полувреме. Гостите во вториот дел добија уште еден пенал, овојпат прецизен беше Диавара, што сепак се покажа недоволно за „наполитанците“ да останат непоразени на овој натпревар.
Ливерпул преубедливо славеше на гостувањето против Марибор со 0-7, за прва радост на избраниците на Јирген Клоп во Лигата на шампионите оваа сезона. „Црвениите“ тргнаа фуриозно и по само неколку минути игра поведоа преку Фирмино, до крајот на полувремето резултатот веќе гласеше 0-4 (Кутињо и два гола на Салах), за во второто полувреме англискиот тим да постигне уште три гола, еден од нив дело на новото засилување Алекс Окслејд Чембрлен (уште еден постигна Фирмино, а конечните 0-7 ги постави младиот Трент Арнолд.
Неочекувано, Спартак Москва во вториот меч од групата Е го декласираше тимот на Севилја со 5-1. При резултат 1-1 гостите од Шпанија промашија зицер преку Бен Једер, за потоа Спартак со четири гола да ја забележи својата прва победа во ЛШ сезонава.
Монако уште повеќе си ги намали шансите за пласман во следниот круготкако „кнезовите“ загубија на домашен терен од Бешикташ. Фалкао погоди за рано водство на францускиот шампион, но одбраната уште еднаш попушти, па Бешикташ направи целосен пресврт со двата гола на Тосун. Лајпциг се искачи на второто место во оваа група откако германскиот клуб по голема битка го совлада Порто со 3-2.
ГРУПА Е: Марибор – Ливерпул 0-7, Спартак М. – Севилја 5-1.
Табела: Ливерпул 5, Спартак 5, Севилја 4, Марибор 1.
ГРУПА Ф: Манчестер сити – Наполи 2-1, Феенорд – Шахтјор 1-2.
Табела: Манчестер сити 9, Шахтјор 6, Наполи 3, Феенорд 0.
ГРУПА Г: Монако – Бешикташ 1-2, Лајпциг – Порто 3-2.
Табела: Бешикташ 9, Лајпциг 4, Порто 3, Монако 1.
ГРУПА Х: Реал М. – Тотенхем 1-1, АПОЕЛ – Борусија Д. 1-1.
Табела: Тотенхем 7, Реал М. 7, Борусија Д. 1, АПОЕЛ 1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА