Сагата со Хари Кејн и неговото отсуство во Тотенхем продолжува откако денеска беше обелоденето дека англискиот репрезентативец се уште се наоѓа на годишен одмор на Карибите со своето семејство.
Тој вчера требаше да се приклучи на подготовките на „спарси“ за новата сезона, a неговото отсуство предизвика бес кај навивачите на лондонскиот клуб. Денеска беше обелоденето дека Кејн се уште се наоѓа на Карибите и би требало да пристигне назад во Лондон во текот на утрешниот ден, но „спарси“ нема наскоро да го видат на тренинг. Причина – здравствените протоколи во Англија според кои тој сега ќе мора да мине пет дена во самоизолација, па доколку в недела добие негативен тест на Covid-19, дури тогаш ќе може да почне со тренинзи.
Тотенхем најавува дека ќе го казни својот капитен за непрофесионално однесување, а повеќе од јасно е дека Кејн ова го прави за да издејствува трансфер во Манчестер Сити. Тој тврди дека претседателот Леви лани му ветил дека летово ќе му дозволи да замине во поамбициозен клуб, па сега сака сосила да издејствува заминување. Ставот на Тотенхем засега е цврст, Кејн ќе остане и во следната сезона, а останува да се види дали Леви во меѓувреме ќе се премисли и ќе почне разговори со Сити, откако без размислување ја одби првата понуда од 120 милиони евра за англискиот голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА