Тотенхем го најде лекот за Челси на својот стадион

Тотенхем славеше на лондонското дерби против Челси со 2-0, прекинувајќи ја серијата порази што „спарси“ ја имаа од градскиот ривал на домашните натпревари откако се преселија од „Вајт харт лејн“ на својот нов и модерен стадион. Денешниот пораз значеше и уште поголемо продлабочување на кризата во таборот на Челси, што речиси сигурно ќе придонесе да дојде и до отказ за Грем Потер, кој се покажа како огромно разочарување на менаџерската функција.

Првото полувреме донесе израмнета игра во која и двете екипи повеќе мислеа на сопствениот отколку на противничкиот гол. За одбележување е инцидентот од самиот финиш на полувремето, кога судијата најпрвин му покажа директен црвен картон на Зијеш, за по прегледувањето со ВАР да се премисли и да го остави гостинскиот фудбалер на теренот.

Првиот гол беше дело на неочекуван стрелец, откако Скип одлично се снајде и со удар од дваесетина метри го изненади Кепа, за свој прв погодок во дресот на Тотенхем. Челси се обиде да стигне до израмнување, но гостите не успеаја да создадат ниту една стопроцентна шанса. Наместо тоа, Тотенхем со втор гол ги осигура трите гола, стрелец беше Хари Кејн по корнерот што го изведе Сон.

Се вчитува...