Маурицио Покетино од вечерва повеќе не е менаџер на Тотенхем откако управата на европскиот вицепрвак донесе одлука да му биде врачен отказ на аргентинскиот стратег. Ваквиот потег е изненадувачки ако се знае дека минаа десетина дена од почетокот на репрезентативната пауза, период што обично клубовите знаат да го искористат за тренерска смена и доведување на нов стратег.
Британските медиуми утрово обелоденија дека во Тотенхем владее бунт на играчите против тренерот, но и дека претседателот Даниел Леви ја зазел страната на фудбалерите во оваа војна. Тоа беше најава за „црно сценарио“ за Покетино, за вечерва и официјално да биде потврдена разделбата од аргентинскиот стратег.
„Исклучително тешко беше да се донесе оваа одлука, но решивме да се разделиме од Маурицио Покетино и од членовите на неговиот стручен штаб. Не е лесно, но моравме да реагираме поради очајните резултати на домашната сцена кон крајот на ланската и почетокот на оваа сезона“ – изјави Леви.
Тотенхем се наоѓа на катастрофалното 14. место на табелата со само 14 освоени бода во досегашниот дел од премиерлигашката сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА