Тотенхем ќе го комплетира најскапиот трансфер во историјата на хрватскиот фудбал

Тотенхем имаше „мирен“ зимски преоден рок, но челниците на лондонскиот клуб се подготвени за сериозни инвестиции во текот на летото, за да ги задоволат апетитите на стратегот Антонио Конте, кој почна да се заканува и со отказ.

Директорот Паратичи уште сега ги „пикира“ клучните засилувања за летово, а кога станува збор за одбраната на врвот на листата со желби на Конте се наоѓа хрватскиот репрезентативец Јошко Гвардиол. Поранешниот фудбалер на Динамо Загреб се пресели во Лајпциг за сума од 18 милиони евра (плус процент од следниот трансфер), а „модрите“ се на добар пат дополнително да заработат од овој екстра-фудбалер.

Имено, Тотенхем веќе понудил 50 милиони евра, сума со која Гвардиол ќе стане и најскап играч во историјата на хрватскиот фудбал. Иако ставот на Лајпциг е дека Хрватот не е за продажба, сумата делува како премногу добра за да биде одбиена, па големи се шансите дека Гвардиол на крајот од сезонава ќе се пресели во најсилната лига на светот.

Се вчитува...