Тотенхем не успеа летово да го убеди Пауло Дибала да му се приклучи на овој клуб, но челниците на лондонскиот премиерлигаш се решени во јануари повторно да се обидат да го ангажираат асот на Јувентус. Преодниот рок во Премиер-лигата заврши дваесетина дена пред остатокот од Европа, што дефинитивно беше сериозен проблем за „спарси“.
Сепак, кај Покетино и кај клупските директори владее оптимизам дека зимава ситуацијата ќе биде поинаква, пред се поради статусот што Дибала го има кај Маурицио Сари. Аргентинецот ги мина првите две средби од новата сезона на клупата за резерви, влегувајќи во игра во второто полувреме. Очигледно е дека Сари многу посериозно смета на Игуаин, но и на Даглас Коста, па логично е да се очекува и разочарувањето на Дибала од ваквиот статус на резерва да се зголемува како што ќе одминува времето.
„Спарси“ подготвуваат понуда од 60 милиони фунти за јануарскиот преоден рок, за која веруваат дека ќе биде доволна да се убеди Јувентус, но и самиот фудбалер (за него е предвидена плата од 150.000 фунти неделно плус бонуси) да дадат зелено светло за овој мегатрансфер. Во прилог на Тотенхем оди и фактот дека ПСЖ, кој исто така беше сериозно загреан за Дибала, го задржа Нејмар и го доведе Икарди, така што „светците“ дефинитивно нема да купуваат нов напаѓач во јануарскиот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА