Тотенхем во две години ангажираше само едно единствено засилување, Лукас Моура од ПСЖ, но по пласманот во финалето од Лигата на шампионите челниците на лондонскиот клуб конечно решија да му дадат финансиска поддршка на Маурицио Покетино да состави тим што уште посериозно ќе се бори за трофеи.
Веќе е урнат клупскиот рекорд со ангажманот на Ндомбеле од Лион, во завршна фаза се преговорите за Ло Целсо од Бетис, но Покетино го чува „џек-потот“ за крај. Пауло Дибала е големата желба на аргентинскиот стратег, играч што според него е идеален партнер во нападот за Хари Кејн и кој ќе може да му помогне на Тотенхем да го предизвика Манчестер Сити во трката за премиерлигашката титула.
Весникот „Дејли Мејл“ објави дека веќе се остварени и првичните контакти меѓу клубовите, а Тотенхем има подготвено и понуда од 80 милиони фунти, за да излезе како победник од трката во која уште се и Интер, Манчестер Јунајтед и ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА