Тотенхем упорно ги одбива понудите за Хари Кејн инсистирајќи на отштета од 130 милиони фунти, сума што ниту еден од заинтересираните клубови нема намера да ја плати за фудбалер што летово ќе наполни 30 години. Добро упатени извори тврдат дека ова е рецепт на Даниел Леви, кој не се откажува од намерата да го задржи Кејн во своите редови, па за таа цел е подготвен дури и да ризикува, да ја почне сезонава со капитенот во тимот и во текот на шампионатот да го убедува Кејн да потпише нов договор со „спарси“.
Новиот тренер Постекоглу изјави дека се надева дека ќе го убеди најдобриот фудбалер на тимот да остане, но и дека не добил никакви гаранции околу иднината на капитенот, за која се грижи директорот Леви. Тој експресно ги затвори преговорите со Манчестер јунајтед, додека во разговорите со Баерн веќе одби две понуди (последната во висина од 80 милиони евра плус клаузули), инсистирајќи на оние 150 милиони евра што ги бара за Кејн од почетокот на преодниот рок.
Ризикот е огромен, ако се знае дека Хари Кејн веќе во јанаури ќе може да потпише преддоговор со нов клуб што би станал валиден од 1 јули 2024 година, варијанта во која Тотенхем би останал без својот најдобар фудбалер, притоа без да заработи ниту едно евро.
Сите се во исчекување на враќањето на Кејн од годишен одмор, по што голгетерот би можел и самиот да се изјасни, да побара јавно трансфер и со тоа да изврши притисок врз управата. Доколку тоа не се случи, се очекува англискиот репрезентативец да остане во лондонскиот клуб во текот на сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

