Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, нема да го води својот тим на дуелот од Премиер-лигата против Вест Хем Јунајтед, бидејќи со семејството остана во Италија каде ќе продолжи со опоравувањето од операцијата на жолчното кесе на која беше подложен пред две недели.
Конте го предводеше тимот на „Сан Сиро“ во поразот од 0-1 од Милан во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите во вторникот.
„По рутински постоперативен преглед во средата во Италија, одлучено е Антонио Конте да остане во домот на неговото семејство за целосно да се опорави од операцијата. Здравјето е најважно и сите ние во клубот му посакуваме брзо закрепнување“, стои во соопштението на Тотенхем.
Во отсуство на Конте, улогата на прв тренер ќе ја преземе неговиот помошник Кристијан Стелини. Стелини го предводеше тимот пред 11 дена во победата од 1-0 против Манчестер Сити, само четири дена по операцијата на Конте, само за Конте да се врати на клупата минатиот викенд и тимот загуби со 1-4 на гостувањето кај Лестер Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

