Тотенхем падна на десеттото место на премиерлигашката табела откако „спарси“ капитулираа на домашен терен против Ипсвич со 1-2, уште еден јасен доказ дека тимот на Постекоглу се наоѓа во огрмона криза. Ипсвич немаше победа (пет реми и пет порази) во пресрет на овој дуел, но гостите со дисциплинирана игра поведоа со 0-2 уште по првото полувреме, најавувајќи ја сензацијата на овој дуел. Тотенхем намали со голот на Бентанкур по корнерот на Педро Поро, Соланке имаше стопроцентна шанса за израмнување, но Ипсвич одолеа на нападите на домаќините и ја прослави својата прва премиерлигашка победа.
Манчестер Јунајтед славеше со 3-0 на домашен терен против Лестер, на последниот меч на кој Руд ван Нистелрој ги предводеше „црвените ѓаволи“ пред доаѓањето на Рубен Аморим во клубот. Бруно Фернандеш беше во главна улога, Португалецот постигна еврогол за 1-0 на својот 250.меч за Јунајтед, а потоа учествуваше и во акцијата со која Кристијансен си постигна автогол. Конечните 3-0 со нов еврогол ги постави Гарначо, кој влезе во второто полувреме и маестрално шутираше од дваесетина метри во горниот агол од голот на гостите.
Победничката серија на Нотингем Форест беше прекината со денешниот пораз на домашен терен од Њукасл со 1-3. „Шумарите“ имаа 1-0 по првото полувреме, но потоа се соочија со огромен пад во вториот дел, Њукасл постигна три гола преку Исак, Жоелинтон и Барнс и стигна до голема победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА