Арсенал во четвртото премиерлигашко коло стигна до третата победа оваа сезона, оваа сигурно најзначајна за фановите на „топчиите“ ако се знае дека беше остварена против големиот градски ривал Тотенхем, и тоа на гостински терен со 0-1. Со ова избраниците на Артета ја продолжија успешната серија резултат против омразениот ривал, ако се знае дека на последните пет дуели со Тотенхем фудбалерите на Арсенал имаат четири победи и едно реми.
Слично како и на претходното гостување против Астон Вила, „топчиите“ одиграа дисциплинирано базирајќи се на цврста одбрана и трпеливо чекајќи ја својата шанса на спротивната страна. Без повредениот Одегард и без суспендираниот Рајс, Артета свесно ја препушти средината од теренот, но затоа одлично ги затвори приодите кон сопствениот гол.
Тотенхем не искористи неколку шанси во противничкиот шеснаесетник, а Арсенал тоа го казни во вториот дел, кога по корнерот на Сака одлично се снајде Габриел, кој со глава од пет метри ја закова топката во мрежата. „Спарси“ се обидоа да се вратат, но не го најдоа патот до мрежата на Раја, па трите бода овој дерби дуел заминуваат на салдото на „топчиите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА