Тотенхем стравува од егзодус: Ериксен, Покетино, Кејн…

Срамниот пораз од 2-7 од Баерн Минхен беше само уште една потврда на големата криза во Тотенхем, чие продлабочување може да доведе до целосен ремонт на клубот од Лондон. Екипата што лани стигна до финалето во ЛШ овојпат е со само еден бод по првите две кола, веќе испадна од Лига-купот на Англија, додека во Премиер-лигата по седум кола веќе заостанува десет бода зад лидерот Ливерпул.

„Спарси“ летово успеаја да го задржат Маурицио Покетино на клупата, но „Дејли Мејл“ пишува дека фудбалерите стравуваат од заминување на аргентинскиот стратег. Тој веќе го променил односот кон играчите, што според британскиот весник е јасен знак дека сериозно размислува за заминување, при првата опција што ќе му биде понудена. Зинедин Зидан не е сигурен во Реал Мадрид, а Покетино важи за еден од главните кандидати доколку Зизу си замине од кормилото на „кралевите“.

Хари Кејн е лидер на Тотенхем со години наназад, но голгетерот следниот јули ќе наполни 27 години и сака да биде во клуб со кој би освојувал трофеи. „Спарси“ беа на чекор до врвот на Европа минатата сезона, но годинава ја почнаа катастрофално, па сега англискиот репрезентативец како и Покетино сериозно размислува за следниот потег во кариерата. Манчестер Јунајтед нема да жали пари за да го доведе Кејн, но прашање е дали тој со „ѓаволите“ да си ја исполни желбата за освојување на трофеи со оглед на слабите игри и резултати на овој тим.

Веќе е сигурно дека од Тотенхем летово ќе си замине Кристијан Ериксен, и тоа без никаква отштета, а се очекува истото да го стори и дефанзивецот Алдерверелд, чиј договор исто така истекува на крајот од сезонава.

Се вчитува...