Тотенхем ќе има проблем да го задржи Хари Кејн откако капитенот на „спарси“ денеска воопшто не се појави на тренингот на својот тим барајќи трансфер во Манчестер Сити, а Нуњо Еспирито Санто има главоболки и кога станува збор за засилувањата за наредната сезона. Британските медиуми најавуваат дека Португалецот добил ветување за богат буџет за нови играчи, а Даниел Леви ќе го исполни дадениот збор озбедувајќи 100 милиони евра за две засилувања.
Првиот е Адама Траоре, крилниот офанзивец на Вулверхемптон кој имаше беспрекорна соработка со Санто во таборот на „волците“. Шпанскиот репрезентативец бара да замине, „волците“ бараа 80 милиони евра, но ниту еден клуб не понуди ни половина од оваа сума. Британските медиуми јавија дека „спарси“ се подготвени да платат 45 милиони евра за брозоногиот крилен фудбалер, а желба на Санто е тој да биде доведен во текот на оваа седмица, за да може да одржи неколку тренинзи со новите соиграчи пред стартот на новата сезона.
Воедно, Тотенхем ќе се обиде да ги финишира и преговорите со Аталанта за Кристијан Ромеро. Аргентинскиот дефанзивец веќе поднесе барање за трансфер, италијанкиот клуб одби две понуди, но „спарси“ сега испратија и трета, во висина од 55 милиони евра, се со цел да го доведат што поскоро Ромеро во тимот. Санто даде зелено светло за заминувањето на Алдерверелд во Катар само поради гаранцијата дека ќе му биде доведен Ромеро, па сега челниците на Тотенхем ќе сторат се за што поскоро да го комплетираат и вториот трансфер од Аталанта, откако претходно беше доведен голманот Голини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА