Франческо Тоти упати низа комплименти на адреса на Ливерпул во пресрет на утрешниот прв полуфинален натпревар од Лигата на шампионите во кој „црвените“ ќе ја пречекаат Рома. Тоти ќе биде присутен на „Енфилд“ како директор на „волчицата“, негова прва посета на овој клуб откако како играч во 2002 година загуби од Ливерпул со 2-0, пораз со кој Рома беше елиминирана од Лигата на шампионите.
„Без оглед на тој негативен резултат, јас имам убави спомени од тој меч на Енфилд. Кога ќе го слушнам името Ливерпул, веднаш помислувам на почит, голем клуб, верни навивачи. Ливерул е пример што Рома треба да го следи, атмосферата меѓу навивачите, страста на фановите, поврзаноста со тимот, сето тоа е навистина импресивно“ – истакнува Тоти.
Поранешниот капитен на Рома е изненаден од неверојатната прва сезона што неговиот екс-соиграч Мохамед Салах ја има во дресот на „црвените“, па сега ќе биде главна опасност по голот на Алисон Бекер.
„Гледав многу средби на Ливерпул, особено по ждребот и знам дека ќе биде исклучително тешко и за двата тима. До одредена мера сум изненаден што Салах оствари такви бројки во својата прва сезона во Ливерпул. Од друга страна, со оглед на квалитетот на целата екипа, тренерот што го имаат, Клоп за мене е еден од најдобрите во светот – ништо не може да изненади, целата игра е поставена за да се создадат шанси, а Салах знае како да ги претвори во голови“ – ги пофали Тоти своите утрешни противници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА