Фудбалерот кој целиот свој живот го посвети на Рома, Франческо Тоти, в недела официјално за последен пат ќе го облече дресот на „волчицата“. Иако европските гиганти водеа „војни“ за неговиот потпис, тој остана верен на клубот, градот и навивачите.
В недела ќе се одигра последното коло од годинашната сезона во Серија А, Рома на „Олимпико“ ќе ја пречека Џенова со Горан Пандев, а Тоти преку соопштение најави дека тоа ќе биде неговиот последен меч за римјаните, но најверојатно не и последен во кариерата.
„Рома – Џенова, недела, 28. мај 2017 година, тогаш за последен пат ќе го носам дресот на Рома. Не можам со неколку зборови да опишам колку ми значеа, значат, и колку ќе ми значат боите на овој клуб. Само чувствувам дека љубовта за овој спорт никогаш нема да згасне, тоа е страст, моја страст. Тоа е толку длабоко што не можам да си помислам дека никогаш повеќе нема да играм. Од понеделник сум подготвен да одговорам на нови предизвици“ – напиша Франческо Тоти.
40-годишниот Тоти во Рома пристигна во 1989 година на 13 – годишна возраст, а за овој тим одигра 785 натпревари и постигна 307 гола. Тоти од Рома заминува како икона на клубот, а од навивачите го доби прекарот „Принцот на Рим“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА