Тотре се врати во Шкендија

Повремениот македонски репрезентативец Енур Тотре, по две години се врати во дресот на Шкендија. Тој доаѓа како позајмен од украинскиот прволигаш Ворскла Полтава.

Играчот од средниот ред потекнува од младинските категории на Шкендија, а за првиот тим играше од 2014 до 2021 година. Потоа замина во Тирана, па во Ворскла.

„Шкендија со задоволство го објавува враќањето на Енур Тотре. Управниот одбор, фудбалерот и челниците на Ворскла најдоа заеднички јазик околу ангажман на играчот од средниот ред во следните шест месеци“, се вели во соопштението на Шкендија.

Тотре кажа дека е среќен што се враќа во клубот во кој пораснал.

„Многу е добро чувството што се вратив повторно дома, во клубот во кој пораснав. Шкендија има посебно место во мојот живот и среќен сум што повторно ќе го носам овој дрес. Му благодарам на клубот и се надевам дека заедно ќе дојдеме до целите“, вели Тотре.

Се вчитува...