Враќањето на стариот тренер на Трабзон, Абдула Авчи, на клупата на турскиот гигант очекувано донесе и проблеми за Енис Барди, ако се знае дека македонскиот репрезентативец не играше премногу често под водство на овој тренер во текот на ланската сезона. Среќата на Барди се промени кога Ненад Бјелица седна на клупата, нашиот репрезентативен капитен беше лидер на средниот ред, но отказот на Хрватот и камбекот на Авчи значеше и нова преселба на Енис Барди на клупата за резерви на Трабзонспор.
Затоа, не е никакво изненадување што името на Барди се најде на листата од шест фудбалери на старо-новиот тренер кои управата на клубот ќе се обиде да ги продаде во текот на јануарскиот преоден рок.
Филип Бенковиќ и Жоакин Фернандез се истакнуваат како најголеми трансфер-промашувања на турскиот тим и заминувањето на овие двајца ќе биде приоритет за раководството на Трабзон. Авчи не смета ниту на Умут Бозок и на Димитриос Курбелис, а покрај Барди листата на непожелни кај новиот тренер ја заокружува Јенс Стригер Ларсен, данскиот дефанзивец кој лани пристигна од Удинезе во Трабзонспор.
Според весникот „Милијет“, агентот на Барди веќе бил информиран за ваквиот развој на настаните со цел што поскоро да се најде клуб за македонскиот репрезентативец. Добра вест е што сериозен интерес за Барди покажува бундеслигашот Унион Берлин, каде тренер е токму Ненад Бјелица, па лесно може да се случи македонскиот репрезентативец на самиот почеток од новата година да се пресели во Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

