ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари се надеваат на прекин од црната серија од седум порази на европските шампионати (два во Виена, три во Дебрецин и два во Германија), a Швајцарија барем на хартија делува како идеален противник за такво нешто.
Особено ако се земе во предвид традицијата, која вели дека Македонија има шест победи во низа против денешниот противник, серија што составот на Кире Лазаров ќе се обиде да ја продолжи вечерва во Берлин.
Севкупно, Македонија и Швајцарија имаат одиграно осум средби, а Швајцарците славеа само на првите две, во јануари 2003 година кога најпрвин триумфираа во Кавадарци со 24-31, а потоа и во Цуг со 34-30.
На следниот дуел се чекаше девет години, по што почна македонската доминацијаа, најпрвин со домашната победаво квалификациите за ЕП 2014 од 30-24, надополнета со триумфот во Цирих од 22-27, меч на кој бевме ослабени поради повредата на Кире Лазаров (беше во составот и ги шутираше само пеналите).
Македонија и Швајцарија потоа беа во иста група и во квалификациите за ЕП 2016, при што „црвено-жолтите“ забележаа две нови рутински победи, на домашен терен со 27-20, а потоа и на гостувањето во Сент Гален со 17-26.
Последниот двомеч беше дел од квалификацискиот циклус за ЕП 2022, кога нашите ракометари стигнаа до две минимални победи, во Шафхаузен со 23-25, потоа и во Скопје со 29-28, за печат на европската виза.
Работита во овие три години значително се променија, Швајцарците ја кренаа играта на повисоко ниво додека ние се соочуваме со криза во настапите на големите натпреварувања, па останува да се види дали избраниците на Лазаров ќе ја продолжат серијата позитивни резултати или Швајцарците ќе стават крај на сосптвената црна серија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА