Традиција: ПСЖ сонува за повторување на 1993 година

Реал Мадрид има одлична предност од првиот натпревар, но во редовите на ПСЖ се оптимисти дека ќе успеат да го елиминираат европскиот првак. Впрочем, „светците“ пред 25 години се најдоа во иста ситуација, губеа со 1-3 по мечот на „Сантијаго Бернабеу“ во четвртфиналето од Купот на УЕФА, но потоа на реваншот во Париз славеа со 4-1 и се пласираа во полуфиналето.

Тоа беше драматичен меч во кој резултатот по 80 минути игра гласеше 1-0 со погодокот на Жорж Веа, за потоа францускиот тим набрзина да постигне уште три гола преку Жинола, Валдо и Комбуаре, пред Иван Заморано да ги постави конечните 4-1.

ПСЖ никогаш досега не бил елиминиран од европските купови од Реал Мадрид, а покрај 1993 година двата тима се сретнаа и една сезона подоцна во четвртфиналето од Купот на Победниците на Куповите. Тогаш мечот во Париз заврши 1-1, но ПСЖ отиде понатаму откако триумфираше со 0-1 на „Сантијаго Бернабеу“, благодарение на погодокот на Жорж Веа. „Светците“ имаат само еден пораз на последните 46 домашни натпревари во европските купови, кога загубија од Барселона со 1-3 во четвртфиналето во 2015 година.

Реал Мадрид има примено само еден гол на последните шест дуели со ривали од Франција (оној на Рабио во првиот меч), но јасно е дека одбраната на „кралевите“ овојпат ќе биде на огромен испит. Иако станува збор за најтрофејниот европски клуб, сепак Реал не се снаоѓа најдобро со противници од Франција, од кои е елиминиран четири пати од досегашните седум двомеча во нокаут фазата од европските натпреварувања.

Се вчитува...