Традиција со Французите: Вардар ги победил сите, најсладок е триумфот над ПСЖ

Ракометарите на Вардар утре на пладне ќе го дознаат противникот во полуфиналето од фајналфор турнирот во Келн, меч што ќе се игра на 26 мај во „Ланксес арена“. Потенцијални ривали се ПСЖ, Нант и Монпелје, три екипи против кои „вардарци“ играле во последните години, и успевале да ги победат. Против Нант скорот е 1-1, против Монпелје три победи и едно реми, но најслатка победа дефинитивно е онаа над ПСЖ, во ланското финале во Келн.

 

ПСЖ

Сите добро го паметиме ланското финале во Келн, кое „вардарци“ по епска битка го добија со 24-23, со голот на Иван Чупиќ во последната секунда што донесе еуфорија во цела Македонија. Дибиров беше најефикасен со шест гола, по три постигнаа Борозан, Чупиќ, Шишкарев и Циндриќ, додека прв стрелец на ПСЖ беше Никола Карабатиќ со пет гола.

Претходно, ПСЖ и Вардар имаат и два дуели во групната фаза во сезоната 2013/2014, прва на „црвено-црните“ под водство на рускиот газда. Дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје донесе вистинска драма и поделба на бодовите (24-24), Чипурин постигна шест, а Дибиров и Душебајев по пет гола за „вардарци“. Реваншот во Париз мина во целосна доминација на францускиот гигант, кој триумфираше со 35-25. Игор Карачиќ со седум и Немања Прибак со пет гола беа единствени светли точки во таборот на Вардар на тоа гостување во Париз.

НАНТ

„Црвено-црните“ се сретнаа со Нант во Скопје на 23 септември 2017 година, максимално користејќи ја предноста на домашниот терен за триумф од 27-23. Победникот беше решен во првиот дел што „вардарци“ го добија со 14-10, по што избраниците на Гонзалес ја сочуваа предноста до самиот крај. Мораеш беше одличен со шест гола, Криштопанс постигна пет за Вардар, додека кај Нант најефикасени беа Гурбиндо, Балагер и Нјокас со по четири погодоци.

Францускиот тим им се реваншираше на „вардарци“ на 25 февруари, со фуриозното прво полувреме што го доби со 18-12. Македонскиот првак потоа се консолидираше, сериозно се приближи, но на крајот загуби со 27-26. Кире Лазаров поради повреда не настапи за Нант, а најефикасни кај победничката екипа беа Гурбиндо со осум и Балагер со шест гола. Кај Вардар најдобри поединци беа Циндриќ и Дибиров со по пет погодоци.

МОНПЕЛЈЕ

Монпелје и Вардар за првпат се сретнаа на 19 октомври 2014 година, драматичен меч неизвесен до последната минута што на крајот заврши нерешено (34-34). „Црвено-црните“ се вратија од „минус четири“ во второто полувреме и благодарение на Штербик стигнаа до бод, а најефикасни беа Гребиј со 11 гола кај Монпелје и Дибиров со девет кај Вардар.

Дибиров беше во главна улога и на дуелот на овие две екипи во Скопје, што Вардар го доби со 30-26, а руското крило реализираше дури 12 погодоци.

Веќе во наредната сезона (2015/2016) „вардарци“ повторно беа дел од иста група како и Монпелје. Првиот меч пак се играше во Франција, но „црвено-црните“ овојпат славеа со 25-30, откако на полувреме губеа со 12-9. Дибиров пак беше главен во нападот со шест гола, исто колку и Македа, додека Гајиќ го предводеше Монпелје со осум погодоци.

Последниот натпревар Вардар и Монпелје го одиграа на 5 март 2016 година, кога „црвено-црните“ со фуриозно второ полувреме стигнаа до победа од 34-26 (17-17). Манасков и Душебајев беа на врвот на листата на стрелци со по седум гола.

Се вчитува...