Трагична вест пристигнува вечерва од САД, откако беше потврдено дека кошаркарскиот тренер Дејан Милојевиќ почина како последица од срцевиот удар доживеан пред помалку од 24 часа.
Милојевиќ важеше за еден од најдобрите кошаркарски тренери во регионот, кој по големите успеси како предводник на Мега го прифати големиот предизвик да се пресели во НБА-лигата и да биде помошник на Стив Кер во тимот на Голден Стејт вориорс. Србинот беше омилен лик во таборот на „воините“, каде шокот е огромен по страшната случка.
Тој колабирал за време на тимската вечера во Солт Лејк Сити, пред гостувањето против Јута, лекарите во прв момент успеале да му го спасат животот по срцевиот удар, но Милојевиќ ја загуби најважната битка.
Дека состојбата е крајно сериозна беше јасно пред неколку часа, кога НБА го одложи дуелот меѓу Јута и Голден Стејт, за вечерва да пристигне страшната вест – големото срце на Дејан Милојевиќ престана на чука…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

